При проектирањето на постојниот комплекс на ул. Коце Металец бр. 1А-Ѓ посебно внимание е обрнато на карактеристиките на теренот, односно се внимавало на падот на теренот. Објектите се прилагодени и се вклопуваат на теренот и овој момент е искористен за добивање на поинтересен, разигран комплекс кој е органски поврзан со околината.
Во постојниот стар комплекс од 6 згради запазен е хуманиот принцип на проектирање и е создадена микролокација - „комшилук“ која функционира како една целина. Внимавано е помеѓу објектите да го има потребното растојание и да сеобезбеди доволно природно осветлување и вентилација. Во слободниот простор помеѓу објектите има многу зеленило, паркиралишта и гаражи и многу други различни содржини потребни за квалитетно домување затоа што станот во кој се живее треба да биде удобен дом, а не само простор заграден со четири ѕида.
Северозападната фасада на објектот од која во моментов треба да се „збогуваме“, а истовремено е една од бочните фасади на еден од објектите во комплексот, се состои од две вертикали кои се разликуваат во катност поради тоа што објектот го следи падот на теренот. Едната вертикала е од П+4 ката+ П-кр., а втората од П+6 ката + П-кр. Истовремено, таа не претставува чист (рамен) калкан, туку има извсно поместување на двете верикали од околу 2,00м.
Фасадата е обработена со фасадна тула во црвена боја со видливост на меѓукатната конструкција која е оставена во натур бетон и се појавува како видливи хоризонтални светли (бели) ленти кои се во контраст со ѕидот од црвена фасадна тула.
Покривната конструкција, исто така, е изведена во бетон и е видлива на фасадата како кос елемент кој го заокружува изгледот на фасадата. На фасадата има мали прозорци од бањите кои се сместени на двете вертикали и прозорци од кујните кои се сместени на средина од вкупната широчина на фасадата.
Со деталниот урбанистички план во продолжение на овој комплекс е предвидено да се продолжи со градба на повеќе други станбени објекти. Дел од оваа изградба веќе е реализиран, меѓутоа кај овие новоизградени објекти повеќе не е задржан принципот на вклопување на објектите во околината и на теренот, туку тие се изградени како да се лоцирани на рамен терен, а во трката за поголем профит, односно изградба на максимален број на станови, тие се со максимална висина и максимална искористеност на локацијата. На тој начин се изградени неколку масивни правоаголни станбени блокови.
Претпоставуваме дека и новиот објект, чија градба е започната со ископ на темелите, ќе продолжи во овој новонастанат манир на остварување максимален профит без грижа за околината и запазување на хуманиот принцип при проектирањето. Заборавено е дека основната мерка при проектирањето е човекот и сите елементи на проектот треба да бидат прилагодени на човекот.
Станарите на постојниот комплекс имаат среќа што „нивниот проектант“ кој имал јасна идеја и визија, оставил доволно простор за да може локацијата да дише и во иднина некој иден објект да не се „залепи“ за постојните.
Насловот на проектот „ЗБОГУМ ФАСАДО“ е симболичен затоа што со изградбата на новиот соседен објект нема да се уништи самата фасада, туку ќе се наруши квалитетот на живеење во неколкуте станови кои се ориентирани кон новиот објект. Како прво, ќе им бидат уништени визурите, односно наместо во отворен простор со зеленило, сега ќе имаат поглед во ѕид и во приватниот живот на новите соседи. Дел од становите постојано ќе бидат во сенка на соседниот објект и ќе ја изгубат и минималната западна инсолација (осончување) која ја имале до сега. Исто така ќе има промена и во струењето на воздухот кое секако ќе се намали од северозападниот правец, но може да се зголеми во обратниот правец поради близината и висината на зградите, да делува како тунел со зголемено (како ветер) струење на воздухот.
Станарите на овој комплекс кои до сега ги имаа уживано благодетите од хуманото проектирање и се свесни какви квалитети на живеење носи ваквиот амбиент, го иницираа проектот„ЗБОГУМ ФАСАДО“ кој има за цел подигање на свеста на луѓето како крајни корисници на станбениот простор, но и на одговорните: институциите, проектантите и изведувачите, да се престане со максимално комерцијализирање на градежништвото и да се внимава, пред сé, на хуманите принципи, затоа што човекот како краен корисник на станбениот простор и околината е тој кој треба да ужива во истиот, но исто така, ги трпи и последиците од лошото планирање, проектирање и градба. При планирање и проектирање на еден објект не е битно само да се добие „маркица“ која ќе биде запазена туку да се запазат и одредени архитектонсо-урбанистички услови кои ќе бидат условени со добивањето на „маркицата“.
Скопје, 25.05.2024
Дипл.инг.арх. Вера Милосавлевска-Кировска
Comments